Обвинителството отвори истрага против три лица од Скопје за злосторничко здружување и трговија со оружје

7

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, постапувајќи по кривична пријава поднесена од Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, донесе наредба за спроведување истражна постапка против три лица од Скопје.

Постои основано сомнение дека осомничените сториле кривични дела „злосторничко здружување“ и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“.

Во рамките на предистражната постапка е утврдено дека постои сомнение оти лицата се организирале со цел одмазда за нивните браќа, кои во текот на минатата година беа обвинети и осудени за кривично дело „терористичка организација“. Според досега прибраните докази, осомничените дејствувале организирано и координирано, како група со заедничка идеолошка определба заснована на радикални исламистички наративи.

Исто така, постојат сомневања дека биле преземани активности за собирање парични средства од земјата и од странство, кои се користеле за пропаганда и активности поврзани со Исламската држава, како и за набавка на оружје.

По наредба на Основниот кривичен суд Скопје, а под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, вчера биле извршени претреси на домови и други простории на повеќе локации во Скопје. При претресите биле пронајдени и одземени парчиња огнено оружје, електронски уреди и други материјални докази.

По предлог на надлежниот јавен обвинител, судијата на претходна постапка на осомничените им определи мерка притвор во траење од 30 дена, поради постоење на законските основи предвидени во Законот за кривична постапка.

Македонски