Kate’s Bento: „Автентичност без компромис е единствениот пат за мал занаетчиски бизнис“

Домашен вкус во светска форма: што го прави Kate’s Bento брендот поинаков од сите други?

26

Тимот на Македонски Радио Портал разговараше со Катерина Златкова – сопственик на брендот „К8.Бенто“, специфичен и несекојдневен концепт кој се занимава со рачна изработка на торти за секакви пригоди.

  1. Како започна вашата приказна со правењето торти и што ве мотивираше да го претворите тоа во бизнис?

Мојата приказна е природен спој на две мои страни: големата љубов кон експерименталното готвење и декорацијата, преточена со техничкото и стручно познавање на прехранбената индустрија кое го градев низ годините. Работејќи во оваа област, имав можност темелно да ги запознаам тајните на занаетот и стандардите за квалитет, но вистинскиот пресврт се случи кога решив целото тоа насобрано искуство да го преточам во нешто мое и автентично. Сакав на нашиот пазар да му понудам нешто што дотогаш беше реткост: вистинскиот Бенто концепт, изработен според највисоки стандарди. Така се роди Kate’s Bento (K8.BENTO) – како моја лична креативна лабораторија каде што секој десерт е приказна за себе, создаден со наученото знаење и искуство но со срце на еден уметник кој ужива во секој изработен детал.

                       

  1. Што ја прави вашата торта поинаква од другите – по што сакате луѓето да ве препознаваат?

Мојот заштитен знак е автентичноста без компромис. Треба луѓето да разберат дека Бенто торта не е само обична торта со мали димензии. Тоа е специфична процедура и рецептура која налага време и прецизност – од подготовка на карактеристичните бисквити, па сè до различните филови и преливи кои ја прават единствена. Можеби најголемиот предизвик е да се објасни дека малата димензија бара двојно повеќе трпение. Изработката е вистински маратон кој трае со часови, па и денови. Но, најтешкиот дел е декорирањето. Работата на површина од само десетина сантиметри бара мирна рака на хирург. Тоа не е индустриско производство, туку посветено внимание на секој детал поединечно. Забележав дека на нашиот пазар недостигаат автентични Бенто торти – концепт кој е измислен во Јужна Кореја, но доведен до совршенство низ познатата руска школа. Бидејќи Русите се познати перфекционисти, учев токму од нив, а своето знаење дополнително го усовршив кај Јана Облак од Србија, жената која како пионер го донесе овој тренд на нашите Балкански простори. Сакам луѓето да ме препознаваат по тоа што го враќам вистинскиот природен вкус спакуван во светска естетска форма. Сè што излегува од мојата кујна е домашно и рачно изработено од нула, со единствена цел да го вратам оној вистински, полн вкус на природните состојки. Кога некој ќе ја проба мојата торта, сакам да почувствува дека добил совршен баланс: врвна техника во изработката, но топол и препознатлив домашен дух во вкусот. Тоа е таа разлика што ја прави Kate’s Bento уникатна.

                         

  1. Која торта ви е најдрага досега и зошто има посебно место кај вас?

Секоја торта носи своја приказна, но една засекогаш ќе остане врежана во моето срце. Тоа беше торта со натпис „Made with love and a little science “, наменета за едно семејство кое ја славеше својата најголема победа на нивниот долг пат до родителството. Бидејќи од лично искуство на мои блиски знам колку е тежок и трнлив тој пат до потомство, оваа нарачка за мене имаше посебна тежина. Кога по некое време ја видов фотографијата од нивното малечко девојче заедно со бенто тортата, почувствував огромна благодарност. Во тој миг сфатив дека мојата работа е многу повеќе од мерење состојки – јас сум тивок сведок на најголемите човечки радости. Таа торта ме научи дека кога во нешто ќе вложите прецизно знаење и многу искрена љубов, резултатот е секогаш чудо.

                           

  1. Колку ви е важен личниот однос со клиентите и како изгледа процесот од идеја до готова торта?

Личниот однос е клучниот зачин. Клиентите често доаѓаат со желба, а потоа ние заедно ја градиме финалната визија. Процесот е целосно транспарентен, со избор на вкусови кои секој може да ги персонализира. За мене е важно секој подарок (торта) да има душа и прецизно да ја пренесе пораката на оној кој го подарува.

  1. Со какви предизвици се соочува еден мал занаетчиски бизнис денес?

Најголемиот предизвик е зачувувањето на автентичноста на самиот концепт. Денес често се создава илузија дека секоја мала торта автоматски е „Бенто“, што доведе до понуда каде што квалитетот е жртвуван на сметка на брзата заработка. Предизвик е да се остане доследен на високите стандарди додека пазарот нуди брзи и евтини решенија. Вложувам огромен труд во лична набавка на специфични суровини од странство, бидејќи верувам дека квалитетот не трпи замени. Мојата најголема сатисфакција е кога долгогодишни професионалци од еснафот го препознаваат квалитетот на мојата работа. Тоа признание од луѓето кои ја разбираат тежината на занаетот е мојот најголем мотив. Исто така, задоволните клиенти и поддршката од моето семејство и најблиски се мојот „ветер во грб“  да продолжам во она што го работам.

  1. Која порака би им ја испратиле на оние што размислуваат да нарачаат торта од вас или да започнат сопствен мал бизнис?

На моите клиенти им порачувам секогаш да го бараат квалитетот и вниманието во деталите. На оние кои започнуваат свој пат –  Бидете искрени во тоа што го правите и никогаш не престанувајте да учите. Континуираната едукација е она што ве држи над просекот. Изградете бренд врз основа на доверба и квалитет и не барајте кратки патишта – вистинските вредности секогаш ја наоѓаат својата публика.

Македонски