Грција уапси армиски офицер под сомнение за шпионажа
Грчките власти уапсија припадник на армијата под сомнение дека протекувал доверливи разузнавачки информации на странски субјекти, објавија тамошните медиуми. Според весникот „Катимерини“, постојат индиции дека осомничениот користел енкриптиран софтвер за пренесување чувствителни податоци, а како можен примател се споменува Кина.
Станува збор за офицер на Воздухопловните сили кој извршувал штабна функција поврзана со комуникациски и електронски системи, што му овозможувало пристап до доверливи информации за воените активности на Грција и операциите на НАТО. Осомничениот, маж на возраст меѓу 40 и 50 години, бил под надзор на Националната разузнавачка служба неколку месеци пред неговото апсење.
Истражителите реагирале откако забележале зголемена активност и невообичаено собирање на значителна количина чувствителен материјал. Засега не е прецизирано колку информации евентуално биле споделени и во кој временски период.
Воени извори случајот го оценуваат како сериозна потенцијална закана за националната безбедност на Грција, но и за безбедноста на НАТО. Надлежните служби проверуваат и информации дека осомничениот можеби се обидел да регрутира и други лица, иако засега нема потврда за постоење поширока шпионска мрежа.