МВР приведе 11 возачи без дозвола или со активна забрана, возилата одземени

5

Министерството за внатрешни работи информира дека на 4 февруари 2026 година полициски службеници на повеќе локации низ државата лишиле од слобода 11 лица кои управувале моторни возила без положен возачки испит, без важечка возачка дозвола или и покрај изречена забрана за управување.

По насоки на надлежен јавен обвинител, возилата биле одземени, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени кривични пријави по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“.

Како што соопшти МВР, на автопатот Градско–Велес, кај клучката Караслари, бил приведен 35-годишник од Прилеп кој управувал патничко возило „голф“ иако против него биле изречени три активни мерки за забрана за управување со моторно возило Б-категорија. Во Пробиштип, полициски службеници лишиле од слобода 29-годишник од село Злетово, кој управувал „опел корса“ и покрај важечка забрана.

Во Тетово бил приведен 16-годишник од село Желино, кој управувал „голф“ пред да се стекне со право на управување. Со малолетникот бил извршен службен разговор во присуство на родител, а возилото било одземено. Во Гостивар, пак, бил лишен од слобода 18-годишник од село Падалиште, кој управувал „опел“ без положен возачки испит.

МВР информира дека во кумановското село Љубодраг биле приведени две лица – 37-годишник од Куманово и 29-годишник од село Черкезе – затекнати како управуваат возила без положен возачки испит.

Во струмичкото село Банско бил приведен 20-годишник од Струмица, кој управувал возило „тојота“ без регистарски таблички и без важечка возачка дозвола. При контролата било утврдено и дека превезувал бесправно исечени огревни дрва, по што од страна на Шумската полиција биле одземени и возилото и дрвата. Во друг случај во Струмица бил затекнат возач на „форд“ кој управувал без важечка возачка дозвола.

Во Штип, на улицата „Балканска“, бил приведен 40-годишник кој управувал „голф“ без положен возачки испит. Во скопското село Батинци бил лишен од слобода 43-годишник кој управувал товарно возило „мерцедес“ без важечка возачка дозвола, додека на локалниот пат Бутел–Мирковци бил приведен 47-годишник од Скопје, исто така затекнат како управува без положен испит.

Од МВР нагласуваат дека управувањето без возачка дозвола или со активна забрана претставува сериозно кршење на законот и директна закана за безбедноста во сообраќајот. Примената на членот 297-а од Кривичниот законик, посочуваат од Министерството, е јасна порака дека ваквите случаи нема да се третираат како обични прекршоци, туку како кривични дела со сериозни последици.

Македонски