Јаневска: Не верувам дека се заобиколени процедурите при испраќањето мозочни ткива на Универзитетот „Колумбија“

8

Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека го дели ставот на министерот за здравство Азир Алиу и не верува дека биле заобиколени законските и етичките процедури при испраќањето мозочни ткива од македонски пациенти за истражувања на Универзитетот „Колумбија“ во Њујорк, во рамки на соработка со Медицинскиот факултет и Институтот за судска медицина.

„Лично не мислам дека има пропусти. Кога станува збор за базична наука, вообичаено е медицинските факултети да испраќаат ткива на анализа, особено кога се работи за комплексни случаи кои не можат да се обработат со постојните капацитети во земјата“, изјави Јаневска.

Таа посочи дека Универзитетот „Колумбија“ е меѓу најпрестижните универзитети во светот и дека процедурите за соработка на вакви проекти се исклучително строги.

Во однос на барањата од дел од медиумите Министерството за образование и наука да се вклучи во прибирање документација, Јаневска рече дека во моментов не гледа потреба од таква интервенција, откако министерот Алиу веќе побарал анализа на случајот.

„Доколку од нас биде побарано нешто конкретно, секако ќе одговориме во рамки на нашите надлежности. Но, во овој момент не гледам во што би можело да се вклучи МОН“, нагласи министерката.

Запрашана за етичкиот аспект, односно дали можело да се одбие барање од семејствата, а подоцна да се одобри, Јаневска изјави дека такво нешто е можно само доколку биле дополнети претходно побарани факти и документација.

Како поранешен кадар на Медицинскиот факултет при УКИМ и член на Етичката комисија, Јаневска истакна дека работата на комисијата е сериозна и ригорозна.

„Додека бев член на Етичката комисија, не се случило да се смени одлука без сериозни причини. Доколку нешто требало да се дополни или усогласи со закон, тоа се правело. Длабоко сум уверена дека во тој период не е направен никаков пропуст“, рече таа.

Според Јаневска, станува збор за истражувачки проект од кој бенефит може да има целото светско население, бидејќи се однесува на проучување на соматски причини за депресија, самоубиства, шизофренија и други сериозни заболувања, како и на истражувања за Алцхајмеровата болест.

„Како мала земја со ограничени ресурси, не можеме самостојно да реализираме вакви проекти. Но преку партнерства со врвни светски универзитети можеме да учествуваме и да ја унапредиме домашната наука“, нагласи министерката.

Таа додаде дека МОН ги стимулира универзитетите да воспоставуваат меѓународни соработки, особено со високо рангирани институции, и дека таква обврска е предвидена и во новиот закон за високо образование, кој е во процедура.

Јаневска потсети дека студијата е реализирана во 2002 година и дека јавноста и тогаш била информирана, но дека интересот бил ограничен на научната јавност.

Министерот за здравство Азир Алиу вчера изјави дека смета оти можноста за злоупотреби е минимална, имајќи предвид дека станува збор за истражувачки проект меѓу Македонија и САД.

„САД имаат исклучително строги протоколи кога станува збор за биолошки материјал, а станува збор и за престижен универзитет, што дополнително ја намалува можноста за злоупотреби“, рече Алиу.

Тој информираше дека побарал анализа на податоците поврзани со испраќањето на биолошкиот материјал, додавајќи дека според старите законски решенија документацијата се чувала 15 години, а по 2018 година – 25 години, што остава можност дел од документите да не се достапни во архивите.

Македонски