Начелен договор за зголемување на платите на административците: по 8% во следните три години
Начелен договор за раст на платите на административните службеници е постигнат на денешната средба меѓу Владата и претставниците на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ), што се одржа во Владата.
Како што изјави претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски, договореното најпрво треба да биде формализирано во писмена форма, по што за него ќе се изјаснат надлежните органи и тела на синдикатот.
Според начелниот договор, платите на административците би се зголемувале по осум проценти годишно во наредните три години. Владата, како што посочи Деаноски, прифатила и исплата на додатоците на плата за вработените во администрацијата и правосудството, иако барањата на УПОЗ не биле прифатени во целост.
„Зголемувањето ќе се реализира во три рати по осум проценти. Не се работи за 10 проценти, како што баравме, но овие средства ќе почнат да се исплаќаат од март годинава, под услов институциите да потпишат поединечни колективни договори“, изјави Деаноски.
Тој појасни дека за да се оствари договореното, сите институции од државната управа и правосудството – судови и обвинителства – ќе треба да склучат поединечни колективни договори.
Сепак, конечната одлука ќе ја донесе членството на УПОЗ.
„Текстот на колективните договори допрва треба да се доработи заедно со Владата и потоа да биде ставен на гласање во синдикатот. Доколку колегите го прифатат, нема пречки за потпишување. Ако не, ќе следи нов одговор до Владата“, истакна Деаноски.
Тој објасни дека пресметката на платите се врши врз основа на минималната плата, вредноста на бодот, образованието и нивото на работното место, при што зголемувањето е линеарно.
„Ако минималната плата се зголеми за 1.500 денари, на тој износ се додаваат уште осум проценти. Почетната плата во администрацијата е околу 25.000 денари, додека највисоката изнесува околу 45.000 денари“, посочи Деаноски.
Како отворено прашање останува барањето на Владата УПОЗ да се откаже од Општиот колективен договор, на што синдикатот одговори дека не е негов потписник.
„Не можеме да се откажеме од нешто што не сме го потпишале. За тоа ќе одлучи членството“, рече Деаноски.
Вчера премиерот Христијан Мицкоски детално го објасни владниот модел за раст на платите. Според неговиот пример, административец со плата од 35.000 денари, по зголемување на минималната плата за 1.500 денари, би добил плата од 36.500 денари, а на тој износ би се применило зголемување од осум проценти.
„Со ваквиот модел, во период од три години, зголемувањето на платите ќе изнесува најмалку 40 проценти од почетниот износ“, изјави Мицкоски.