Земјотреси во Грција и Албанија почувствувани и во Македонија
Земјотреси што изминатата вечер се регистрирани во Грција и Албанија беа почувствувани и во делови од земјава, информираат од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Првиот земјотрес се случил синоќа околу 20 часот во Грција, со епицентар на приближно 100 километри југоисточно од Скопје. Земјотресот имал Рихтерова локална магнитуда од 3,7 степени и бил почувствуван во Охрид и неговата околина со интензитет од 3 степени според Европската макросеизмичка скала.
Вториот земјотрес е регистриран околу 23 часот, со епицентар во Албанија, на околу 150 километри југозападно од Скопје. И овој земјотрес имал локална магнитуда од 3,7 степени според Рихтеровата скала. Според досегашните податоци, бил почувствуван во Битола, Охрид и околината, исто така со интензитет од 3 степени според Европската макросеизмичка скала.
Од Сеизмолошката опсерваторија информираат дека нема пријави за материјални штети или повредени лица.