ЕУ воведува дигитален пасош за детските играчки: QR-код за проверка на безбедноста

8

Европската Унија се подготвува за значајни измени во индустријата за детски играчки. Од идната година, секоја играчка што ќе се продава на европскиот пазар ќе мора да поседува дигитален пасош, достапен преку QR-код, кој ќе им овозможи на родителите брз и лесен пристап до информации за безбедноста, составот и потеклото на производот.

Станува збор за најголемата регулаторна промена во оваа област од 2009 година наваму, како одговор на брзиот раст на онлајн трговијата и глобализацијата на пазарот. Современите играчки сè почесто содржат електронски компоненти, сензори и дигитални функции, што ги прави покомплексни и потенцијално поризични за децата.

Со новите правила, ЕУ има јасна цел – да се намали бројот на небезбедни играчки на пазарот и да се зголеми транспарентноста кон потрошувачите. Во последната деценија пазарот претрпе значителни промени, при што онлајн купувањето стана доминантно, а голем дел од производите увезени од земји надвор од Унијата не секогаш ги исполнуваат европските безбедносни стандарди.

Регулативата предвидува значително заострување на правилата, подобрени инспекциски механизми и поефикасни царински контроли. Производителите и дистрибутерите ќе имаат рок од околу четири и пол години за целосно усогласување на производството, системите за следење и логистиката со новите барања.

Со воведувањето на дигиталниот пасош, родителите со едноставно скенирање ќе можат да добијат релевантни информации и да донесат информирана одлука при купување играчки за своите деца.

Македонски