Ѓорѓиевски најави: Анкетниот лист до Антикорупциска ќе биде поднесен до петок
Новиот градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, сè уште нема поднесено анкетен лист за имотната состојба до Државната комисија за спречување на корупцијата, но најави дека законската обврска ќе ја исполни најдоцна до петок.
Одговарајќи на советничко прашање на денешната седница на Советот на Град Скопје, Ѓорѓиевски потврди дека му е изречена една казна поради ненавремено пријавување, која, како што рече, веќе е платена.
„Во однос на казната – имам една и таа е платена. Тоа е моја грешка. Човек сум, како и сите други. Поради обврските во Градот не стигнав навреме, но до петок анкетниот лист ќе биде пополнет. Секој што има одговорност треба да постапи согласно законот и да ги сноси последиците доколку направи грешка“, изјави Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека неговата имотна состојба не се разликува од периодот кога бил советник во Општина Кисела Вода и дека за тоа веќе испратил допис до Антикорупциската комисија.
„Мојата имотна состојба е иста како и додека бев советник во Кисела Вода. За тоа писмено ја информирав Антикорупциската комисија“, рече Ѓорѓиевски.
Пред неколку дена, претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ, потврди дека градоначалникот сè уште не ја пријавил имотната состојба, иако имал законска обврска уште од периодот кога бил градоначалник на Општина Кисела Вода, како и по неговиот избор за градоначалник на Скопје.
„Пуштени му се два прекршочни налози – еден за периодот во Кисела Вода и еден за Град Скопје. Предметот сè уште е во фаза на постапка за порамнување“, изјави Чучуљ пред пет дена.