Започнува имплементацијата на грантовата шема за поддршка на зелени бизниси 2026–2030
Започнува имплементацијата на проектот „Грантова шема за поддршка на зелени бизниси 2026–2030“, кој го спроведува Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво – ИНОВА, соопштија од Агенцијата.
Станува збор за една од најобемните инвестиции во зелената економија во државата, насочена кон забрзување на зелената транзиција на малите и средни претпријатија и унапредување на нивната конкурентност.
На свеченото отворање на проектот се обратија претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, кои ја истакнаа важноста на стратешкото партнерство меѓу Европската Унија и Владата во спроведувањето на одржливи економски политики и зелени реформи.
Проектот располага со вкупен буџет од 25 милиони евра, од кои 18 милиони евра се обезбедени од Европската Унија, а 7 милиони евра од државниот буџет. Иницијативата е целосно усогласена со Европскиот зелен договор и Зелената агенда за Западен Балкан, со фокус на инвестиции што придонесуваат за намалување на јаглеродниот отпечаток, поефикасно користење на природните ресурси и примена на европски и меѓународни еколошки стандарди.
Директорката на ИНОВА, Даниела Димовска, истакна дека проектот претставува значајна пресвртница во пристапот кон економскиот развој.
„Зелениот раст повеќе не е прашање на избор, туку економска и цивилизациска нужност. Со проектот ‘Зелени бизниси’ создаваме долгорочна поддршка што ќе ја зголеми конкурентноста на домашните компании и ќе ги позиционира како релевантни актери на регионалните и европските пазари“, изјави Димовска.
Преку грантовата шема се предвидува поддршка за најмалку 300 мали и средни претпријатија, мобилизирање на најмалку 8 милиони евра приватни инвестиции, како и воведување ЕУ или меѓународни стандарди во најмалку 180 компании. Дополнително, проектот има за цел создавање најмалку 700 нови работни места, намалување на користењето на природните ресурси за 20 проценти и зголемување на прометот на поддржаните компании за најмалку 10 проценти.