„Безбеден град“: Регистрирани 508 прекршоци во вториот ден од примената

3

Системот „Безбеден град“ вчера до 20 часот регистрирал вкупно 508 сообраќајни прекршоци, на вториот ден од неговата официјална примена. Од нив, 454 прекршоци се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина, 42 на минување на црвено светло, а 12 на управување нерегистрирани возила, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во синоќешното гостување на ТВ Алфа.

Како што посочи Тошковски, бројот на регистрирани прекршоци е приближно ист како и во неделата, кога започна примената на системот „Безбеден град“.

Министерот изрази задоволство од, како што рече, релативно малиот број изречени казни и изрази очекување дека таквата состојба ќе се задржи и во текот на целиот 24-часовен период на функционирање на системот.

Податоците на Министерството за внатрешни работи покажуваат дека во изминатите четири години, најголем дел од прекршителите – вкупно 55.405 граѓани – имаат по една изречена забрана за управување моторно возило. Според Тошковски, станува збор за возачи кај кои може повремено да се случи сторување прекршок.

Со две изречени забрани се евидентирани 7.987 возачи, додека 1.863 лица имаат по три правосилни пресуди за забрана за управување возило.

Дополнително, министерот информираше дека 677 лица имаат по четири забрани, 291 возач по пет, а како рекордери се издвојуваат двајца возачи со дури по 40 изречени забрани за управување моторно возило.

Македонски