Онлајн состанок за проблемите на превозниците од Западен Балкан при влез во Шенген зоната

16

Министри од шесте земји на Западниот Балкан, заедно со претставници на Европската комисија, денеска ќе одржат онлајн состанок посветен на предизвиците со кои се соочуваат превозниците од регионот при патување и престој во Шенген зоната.

Како што е најавено, на средбата ќе учествуваат министри за внатрешни работи, транспорт и европски прашања од земјите на Западниот Балкан, како и претставници на Генералните директорати на Европската комисија за проширување и источно партнерство (ДГ ИНЕСТ), за мобилност и транспорт (ДГ МОВЕ) и за миграција и внатрешни работи (ДГ ХОМЕ).

Прашањето за условите и ограничувањата со кои се соочуваат транспортните оператори стана особено актуелно по минатонеделната блокада на граничните премини кон Шенген зоната од страна на камионџиите од регионот. По тие настани, во средата беше одржана и средба меѓу претставници на Европската комисија и амбасадорите на шесте земји од Западниот Балкан во Европската Унија.

Портпаролот на Европската комисија за внатрешни работи, Маркус Ламерт, во петокот изјави дека Комисијата е свесна за загриженоста што ја изразуваат превозниците од Западниот Балкан, дека внимателно ја следи состојбата и дека е во постојан контакт со партнерите од регионот.

Тој истакна дека Европската комисија е целосно посветена на решавање на овие прашања, посочувајќи дека со Стратегијата за визите, објавена во четвртокот, се предвидува тесна соработка со земјите членки со цел да се идентификуваат прагматични решенија. Според Ламерт, целта е да се обезбеди безбедност и економска корист за ЕУ, како и поголема правна јасност за патниците.

– Врз основа на овие размислувања, ќе се разгледа и можноста за воведување ново законодавство со посебен сет правила за продолжен кус престој на ниво на Европската Унија – изјави Ламерт, додавајќи дека во овој момент не може да прецизира временска рамка за донесување на ваквите правила.

Во однос на забелешките на превозниците поврзани со воведувањето на системот за регистрација на влез и излез (ЕЕС), Ламерт нагласи дека со овој систем не се воведуваат нови правила за престој во Шенген зоната. Тој потсети дека и понатаму важат истите правила што се применуваат со години.

– Според шенгенските правила, граѓаните на земјите со безвизен режим имаат право да престојуваат во Шенген зоната до 90 дена во кој било период од 180 дена. Секој подолг престој мора да биде покриен со соодветна виза, како што е виза за долг престој или дозвола за престој издадена од земја членка. Нема нови правила – нагласи Ламерт.

Македонски