Од денеска, па сè до 23 септември 2026 година, во општина Центар ќе биде воведен посебен режим на сообраќај поради изведување градежни работи, информира ГД „Гранит“ АД Скопје.
Како што соопштуваат од компанијата, времената измена на сообраќајот е поврзана со изградба на улици и комунална инфраструктура на улицата „Тодор Александров“ бр. 11 и бр. 12. Станува збор за делницата која се надоврзува на булеварот „Мајка Тереза“ (поранешна „Водњанска“), во делот кај основното училиште „Кочо Рацин“, што води кон Водно.
„Согласно издаденото Одобрение за времена измена на режим на сообраќај од Град Скопје со број 15-12450/4 од 13 јануари 2026 година, ГД ‘Гранит’ АД Скопје на 2 февруари 2026 година започнува со градежни активности за изградба на улици и комунална инфраструктура на улиците ‘Тодор Александров’ бр. 11 и бр. 12, во Општина Центар“, соопштија надлежните.
Од институциите апелираат до граѓаните и учесниците во сообраќајот да ја почитуваат привремената сообраќајна сигнализација и да користат алтернативни правци додека траат градежните работи.