МВР во процес на формирање Национален комитет за заштита на новинарите

2

Безбедноста на новинарите претставува еден од врвните приоритети на Министерството за внатрешни работи, кое, како што информираат од таму, е целосно посветено на унапредување на оваа област. Во таа насока, во тек е постапката за формирање Национален комитет за заштита на новинарите, кој треба да овозможи системско зајакнување на медиумската слобода и безбедноста на новинарите во земјава.

Од МВР појаснуваат дека Комитетот ќе има за цел да обезбеди координација меѓу институциите, медиумските организации и граѓанскиот сектор, да ја следи состојбата со безбедноста на новинарите, како и да изработи Национален акциски план за нивна заштита, усогласен со европските стандарди. Предвидено е и предлагање мерки за превенција, заштита и гонење на сторителите, како и активности за подигање на јавната свест, вклучително и поддршка на кампањата на Советот на Европа „Новинарите се важни“ (Journalists Matter).

Со формирањето на Комитетот се очекува воспоставување институционален механизам за системска заштита на новинарите, подобрена координација меѓу државните органи и медиумските организации, зголемена доверба меѓу новинарската заедница и институциите, како и подобрување на позицијата на државата во меѓународните извештаи за медиумска слобода.

Од Министерството нагласуваат дека слободата на изразување и медиумите се темелни демократски вредности загарантирани со Уставот, Европската конвенција за човекови права и меѓународните стандарди. Новинарите, како што посочуваат, имаат клучна улога во информирањето на јавноста и придонесуваат за отчетноста на институциите, владеењето на правото и заштитата на човековите права. Како членка на Советот на Европа и држава која тежнее кон членство во Европската Унија, Северна Македонија има обврска да обезбеди безбедна и поволна средина за работа на новинарите.

Во таа насока, потсетуваат дека Советот на Европа во 2016 година ја усвои Препораката за заштита на новинарството и безбедноста на новинарите, која се темели на четири столба – превенција, заштита, гонење и промоција на свесност и образование. Дополнително, во 2023 година започна европската кампања „Новинарите се важни“, насочена кон зајакнување на националните механизми за заштита на новинарите.

Од МВР информираат дека и во текот на 2025 година продолжил институционалниот ангажман за унапредување на безбедноста на новинарите, со редовна комуникација и координација меѓу надлежните институции. Се спроведувале консултации за следење на пријавените случаи на закани и напади врз новинари, размена на информации и унапредување на соработката со новинарските здруженија.

Министерството посочува дека воспоставени се јасни протоколи за постапување во случаи на напади или закани, а во соработка со Здружението на новинари на Македонија се води јавно достапен регистер на напади врз новинари. Изработен е и Прирачник за безбедност на новинарите, а редовно се организираат обуки и едукативни активности.

Посебно внимание, како што велат од МВР, е посветено на онлајн вознемирувањето, особено кон жените новинарки. Во Секторот за компјутерски криминал е назначена контакт-точка за побрзо постапување по вакви случаи, а за секоја пријава веднаш се преземаат соодветни мерки.

Министерството информира и за низа средби, обуки и работилници со учество на полициски службеници и новинари, насочени кон подобрување на соработката, градење доверба и унапредување на информирањето на јавноста, особено за чувствителни теми. Како дел од тие активности, била одржана и работилница за етичко и родово сензитивно известување за трговија со луѓе и родово базирано насилство.

Од МВР оценуваат дека соработката со новинарската заедница е на високо ниво, потврдена и со потпишаниот Меморандум за соработка со ЗНМ, назначувањето национална и локални фокални точки и заедничката изработка на прирачници за справување со безбедносните предизвици со кои се соочуваат новинарите.

Македонски