Советот на Европа го затвори постмониторинг-дијалогот со Северна Македонија
За време на јануарската сесија, Парламентарното собрание на Советот на Европа усвои резолуција со која се затвора постмониторинг-дијалогот со Република Северна Македонија. Резолуцијата, во име на мониторинг-комисијата, ја подготвија известителите Сибел Арслан од Швајцарија, од редовите на социјалистите, и Џозеф О’Рајли од Ирска, претставник на Европската народна партија.
Како што соопшти собраниската прес-служба, во текстот на резолуцијата се констатира одржлив напредок на Северна Македонија во областа на демократијата, владеењето на правото, заштитата на човековите права, како и во соработката со телата на Советот на Европа. Притоа се нагласува и политичката посветеност на надлежните институции за исполнување на обврските преземени со отворањето на постмониторинг-дијалогот во 2000 година.
Врз основа на овие оценки, Парламентарното собрание одлучи да го затвори постмониторинг-дијалогот со Северна Македонија, а натамошниот развој во земјата да го следи преку механизмот за редовен периодичен преглед.
Во соопштението се посочува и значењето на мониторинг-процесот во контекст на односите меѓу Советот на Европа и Европската Унија, при што се нагласува постоењето на координиран пристап меѓу нивните мониторинг-механизми. Таквата соработка, која ги вклучува Парламентарното собрание, Комитетот на министри, Конгресот на локалните и регионални власти, Венециската комисија, како и институциите на ЕУ и другите меѓународни организации, се смета за клучна во процесот на проширување на Унијата. Исполнувањето на обврските кон Советот на Европа се оценува како важен елемент за унапредување и забрзување на евроинтегративните процеси.
Во расправата по оваа точка учествуваа сите членови на делегацијата на Собранието: заменик-шефот на делегацијата Иванка Василевска, како и членовите Беким Ќоку и Бисера Костадиновска-Стојчевска.