Поскaпуваат комуналиите и услугите во Битола: Советот расправа за зголемени цени по локалните избори
Три месеци по одржаните локални избори, во Битола се најавува зголемување на комуналните давачки и цените на повеќе јавни услуги. Советот на Општина Битола денеска расправа за корекција на цените за ѓубретарина, гробно место, паркирање, детски градинки и Домот за стари лица, што ја наметна оваа тема како централна на дневниот ред.
Градоначалникот Тони Коњановски изјави дека зголемувањето за граѓаните ќе биде минимално, нагласувајќи дека за семејство кое живее во стан од 50 квадратни метри, месечната сметка за комуналии би се зголемила за околу 70 денари. Во однос на поскапувањето на паркирањето, Коњановски направи споредба со цените во угостителските објекти на Широк Сокак, посочувајќи дека 40 или 50 денари за паркинг не претставуваат висока цена. Тој најави и изградба на шест нови паркинг локации со повеќе од 150 паркинг-места низ градот.
Според предлогот на ЈП „Паркинзи“, цената во А-зоната ќе изнесува 50 денари на час, наспроти досегашните 30 денари за два часа или 40 денари за три часа, а секој нареден час ќе чини 25 денари. Во Б-зоната, паркирањето ќе чини 30 денари на час, додека во Ц-зоната се предлага цена од 30 денари на час, наместо досегашната дневна цена од 30 денари.
ЈП „Комуналец“ предлага зголемување на цената за собирање комунален отпад за станбен простор на физички лица од 2,80 на 4 денари по квадратен метар, како и покачување за дворно место и јавно зеленило. Цената за гробно место се предлага да изнесува 24.500 денари.
Зголемување се предвидува и во детските градинки ЈОУДГ „Пролет“ и „Мајски цвет“, каде месечниот надоместок за престој на дете би се зголемил од 1.490 на 2.000 денари. Во образложението се наведува дека цената не била коригирана од 2004 година и дека поради растот на трошоците за храна, енергија, плати и одржување, корекцијата е неопходна.
Поскапување е најавено и во Домот за стари лица „Сју Рајдер“. За лица со делумна потреба од нега цената ќе изнесува 12.000 денари месечно, а за лица со целосна потреба од нега 15.000 денари месечно.
Дел од опозициските советници побараа повлекување на точките за зголемување на цените, но мнозинството не го прифати предлогот. Советникот од ЛДП, Димитар Кузмановски, предупреди дека кумулативниот ефект од поскапувањата значително ќе го оптовари семејниот буџет и побара разумна корекција на цените.
Опозициската СДСМ најави дека нема да гласа за предложените точки, оценувајќи дека аргументите за долг период без корекција на цените се неприфатливи. Тие побараа шестмесечен план од јавните претпријатија со кој ќе се покаже како ќе се намалат загубите од изминатите години и побараа поголема одговорност од директорите на јавните установи.
Градоначалникот Коњановски, пак, истакна дека финансиската состојба и долговите на јавните претпријатија се резултат на енергетската криза, растот на платите и потребата од нови инвестиции во механизација, најавувајќи дека дел од претпријатијата ќе бидат вклучени во проекти финансирани од Владата во претстојната градежна сезона.