Сообраќајот на државните патишта утрово се одвива без застои, по влажни коловози, информираат од Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ).
Намалена видливост до 70 метри поради појава на магла е забележана на патниот правец Тетово – Гостивар. Воедно, одрон е регистриран на патот Берово – Струмица, кај селото Ратево, поради што сообраќајот се одвива по привремено воспоставена девијација во должина од околу 50 метри.
Од АМСМ апелираат до возачите да ја прилагодат брзината на движење, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да управуваат внимателно, особено на патиштата кои минуваат низ котлини, речни долини и клисури, каде постои зголемен ризик од одрони. Како критични делници се посочуваат патиштата Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Интензитетот на сообраќај надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за патнички возила и автобуси при влез и излез од државата.
АМСМ потсетува дека од 15 ноември 2025 година е во сила законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, без разлика на моменталните временски услови, и ќе трае до 15 март 2026 година.