Брисел најави нова визна стратегија: Решение за проблемот на професионалните возачи од Балканот

10

Европската унија ќе донесе нова Стратегија за визи со која ќе се реши долгогодишниот проблем со престојот на професионалните возачи од земјите надвор од Шенген-зоната, информираше денеска преку Фејсбук вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски.

„Само што добив одлични вести од Брисел во врска со огромниот проблем на превозниците од Македонија. Нашите ставови се прифатени, а возачите се признаени како професионалци – токму тоа што го баравме“, напиша Николоски, додавајќи дека по протестите и интензивната дипломатска активност во изминатиот период, Европската комисија ќе излезе со нова визна стратегија што ќе овозможи системско решение за професионалните возачи.

Според делови од нацрт-документот што ги објави Николоски, во сегашното законодавство на ЕУ е предвиден престој во Шенген-зоната до 90 дена во период од 180 дена за државјани на трети земји, без разлика дали им е потребна виза или не. Секој подолг престој бара долгорочна виза или дозвола за престој издадена од земја-членка.

Сепак, во документот се посочува дека одредени категории професионалци од трети земји – како што се уметници на турнеи, спортисти, експерти на прекугранични проекти, работна сила во клучни индустрии и услуги, како и камионски возачи кои опслужуваат компании во ЕУ – имаат потреба од поголема мобилност меѓу земјите-членки, што не може да се вклопи во ограничувањето од 90 дена.

Европската комисија оценува дека постојниот систем е сложен и дополнително оптоварен со билатерални договори склучени пред воведувањето на Шенгенскиот правен систем, кои овозможуваат подолг престој, но само во одделни земји-членки, со што се нарушува унифицираната примена на правилата.

Во таа насока, Комисијата најавува тесна соработка со земјите-членки за изнаоѓање практични решенија кои ќе овозможат продолжен краткорочен престој за одбрани категории државјани од трети земји, со цел да се обезбеди економска и безбедносна корист за ЕУ и поголема правна јасност за патниците. Како можност се разгледува и донесување ново законодавство на ниво на ЕУ со посебни правила за продолжен краткорочен престој, при што би се преиспитале и постепено укинале постојните билатерални договори.

Проблемот ескалираше откако Европската комисија во октомври 2025 година го воведе системот за електронска евиденција на влез и излез (EES), кој строго го применува правилото 90/180 дена. Поради тоа, транспортните компании од Западен Балкан пред неколку дена започнаа блокади на граничните премини кон Шенген-зоната, тврдејќи дека новите правила ги третираат професионалните возачи како туристи и сериозно ја загрозуваат нивната работа.

Македонски