Кривична пријава против Марко Бислимоски за злоупотреба на службената положба

18

Против претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, Финансиската полиција поднела кривична пријава до надлежното обвинителство за злоупотреба на службената положба и овластување.

Како што се наведува во пријавата, Бислимоски, иако бил законски обврзан, не отпочнал постапка за одземање на лиценцата за вршење енергетска дејност – трговија на големо со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт – на правното лице „Тритерол петрол“ од Скопје, и покрај тоа што компанијата не ги исполнувала пропишаните законски услови.

Наместо да донесе решение за одземање на лиценцата, како што тврди Финансиската полиција, Бислимоски донел незаконско решение за прекин на постапката. Со тоа, лиценцата не била одземена на 15 јануари 2024 година, туку дури на 14 април 2025 година.

На овој начин, според наводите, на „Тритерол петрол“ ѝ било овозможено противзаконски да продолжи со вршење на енергетска дејност во период од околу 15 месеци по истекот на законските услови, како и да учествува и склучува договори во постапки за јавни набавки.

Финансиската полиција наведува дека со ваквото постапување Бислимоски ги повредил прописите кои бил должен да ги спроведува и ѝ овозможил на компанијата да оствари вкупен промет од околу 194 милиони денари, како и да се стекне со противправна имотна корист во износ од приближно 14 милиони денари.

Македонски