Националниот парк „Шар Планина“ предупредува: Висока лавинска опасност над 1.700 метри
Националниот парк „Шар Планина“ ја информира јавноста дека на територијата на паркот во моментов е регистрирана висока лавинска опасност, особено во повисоките делови на планината над 1.700 метри надморска височина.
Како што соопштуваат од паркот, зголемениот ризик од појава на лавини е резултат на комбинација од повеќе временски фактори – температурните осцилации, правецот и јачината на ветерот, како и интензивните снежни врнежи во изминатите денови. Во спој со специфичниот рељеф на теренот, овие услови доведуваат до нестабилност на снежната покривка.
По добиена пријава од операторот за слободно скијање со ратраци „Ескимо спорт“ за појава на лавина на подрачјето на паркот, екипа на Националниот парк извршила увид на терен. Претходно, тим на операторот спровел пребарување на лавинскиот простор со употреба на специјализирани лавински уреди, при што било утврдено дека во лавината нема затрупани лица кои поседувале ваква опрема. До овој момент нема пријави за исчезнати лица, а настанот, за среќа, поминал без човечки жртви.
Паралелно со теренската проверка, била спроведена и стручна анализа на стабилноста на снежната покривка од експертски тим од образовна институција специјализирана за безбедност во планинскиот туризам. Согласно проценката, утврден е висок степен на лавинска опасност – степен 4, според европската скала за лавински ризик (од 1 – низок, до 5 – многу висок).
Од Националниот парк апелираат до сите посетители да бидат исклучително внимателни, да избегнуваат движење во потенцијални лавински зони и да не се искачуваат во повисоките делови на планината без придружба на квалификувани и стручно обучени лица. Истовремено, се повикуваат посетителите навремено и точно да ја пријавуваат својата посета преку официјалната веб-страница на паркот.
Стручните служби на Националниот парк „Шар Планина“, во соработка со туристичките оператори и експертите за лавинска безбедност, континуирано ќе ја следат состојбата на терен и ќе ја информираат јавноста за сите промени поврзани со лавинскиот ризик.
„Зимските убавини на Шар Планина се исклучителна природна атракција, но бараат висок степен на одговорност, информираност и строго почитување на безбедносните правила. Лавините се тешко предвидлива појава и секое движење во вакви услови мора да биде внимателно испланирано“, апелираат од Националниот парк, додавајќи дека личната безбедност треба да биде приоритет за сите посетители.