Лукоил се согласи да продаде странски средства вредни околу 22 милијарди долари на Carlyle Group
Руската нафтена компанија „Лукоил“ денеска соопшти дека постигнала договор за продажба на поголемиот дел од своите странски средства, чија вредност се проценува на околу 22 милијарди долари, на американската приватна инвестициска компанија „Carlyle Group“, под услов трансакцијата да добие одобрение од надлежните американски институции.
Како што објави агенцијата ТАСС, договорот се однесува на продажбата на „Lukoil International GmbH“, компанија преку која Лукоил управува со своите странски операции. Од компанијата информираат дека договорот не е ексклузивен и дека неговата реализација зависи од исполнување на низа предуслови, меѓу кои и добивање регулаторни одобренија, вклучително и дозвола од Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) при Министерството за финансии на САД.
Во договорот не се опфатени средствата на Лукоил во Казахстан, кои ќе останат во сопственост на руската компанија.
Во ноември минатата година, дел од медиумите објавија дека за странските средства на Лукоил постои интерес и од други големи енергетски компании, меѓу кои „Chevron“, „ExxonMobil“ и Националната нафтена компанија на Абу Даби.
Според проценките на аналитичарите, вкупната вредност на странската актива на Лукоил изнесува околу 22 милијарди долари, наведува „Ројтерс“.
По воведувањето санкции од страна на САД и Велика Британија на 15 октомври, Лукоил официјално соопшти дека размислува за продажба на своите странски активи.
Компанијата е вклучена во енергетски проекти во повеќе земји, меѓу кои Азербејџан, Узбекистан, Ирак, Египет, Нигерија, Мексико и Обединетите Арапски Емирати, а поседува и рафинерии во Бугарија, Романија и Холандија. Лукоил управува и со мрежа од околу 2.500 бензински пумпи во 19 земји, вклучително и во Северна Македонија.