Автобуските превозници предупредуваат: Новиот шенген-систем сериозно го загрозува меѓународниот превоз и туризмот

8

Асоцијацијата на автобуските превозници „Исток“ предупредува дека новиот начин на евиденција на престој во Шенген-зоната сериозно го отежнува секојдневното работење на превозниците и го доведува во прашање редовното одржување на меѓународните линии за превоз на патници. Од европските институции бараат фер, практично и применливо решение што ќе го земе предвид специфичниот карактер на професионалниот превоз на патници и стока.

Претседателот на Асоцијацијата „Исток“, Горан Трпковски, изјави дека превозниците се подготвени на заеднички протест со камионските превозници доколку не се донесе поволна одлука која ќе овозможи непречено функционирање на меѓународниот транспорт и заштита на стопанството.

„Изразуваме длабока загриженост поради начинот на кој Европската Унија го применува правилото за престој 90/180 во Шенген-зоната, кое без исклучок се однесува и на професионалните возачи. Овој систем на пресметување и евиденција има сериозно негативно влијание врз работењето на превозниците и врз целокупната економија.

Тој посочи дека македонските компании со години реализираат балкански тури, меѓународен превоз организиран од тур-оператори и туристички агенции, но новиот режим значително го отежнува секојдневното работење и одржувањето на редовните линии.

Тој додаде дека ставовите на Асоцијацијата „Исток“ се идентични со оние на „Макам-транс“ и дека превозниците се подготвени на заеднички чекори доколку не се најде прифатливо решение.

Во меѓувреме, камионските превозници од Македонија, заедно со колегите од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, вчера започнаа блокади на граничните премини кон Шенген-зоната, барајќи измена на правилата за електронска евиденција на престој во согласност со правилото 90/180 дена.

Македонски