ФТ: САД ги условуваат безбедносните гаранции за Украина со мировен договор и можни територијални отстапки

11

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп и сигнализирала на Украина дека американските безбедносни гаранции би зависеле од тоа дали Киев ќе прифати мировен договор кој, според проценките, би можел да вклучува отстапување на регионот Донбас на Русија, објави денеска „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на осум извори запознаени со текот на преговорите.

Според весникот, Вашингтон истовремено навестил дека би можел да и понуди на Украина дополнително вооружување за зајакнување на нејзините вооружени сили во мирновременски услови, доколку Киев се согласи да ги повлече своите трупи од делови на источна Украина кои моментално ги контролира.

Агенцијата Ројтерс засега не успеала независно да го потврди извештајот, додека Белата куќа не одговорила на барањето за коментар.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во неделата изјави дека американскиот документ за безбедносни гаранции за Украина е „100 проценти подготвен“ и дека Киев сега очекува договор за време и место за негово потпишување. Тој во повеќе наврати нагласува дека секој мировен договор мора да го зачува територијалниот интегритет на Украина.

Според висок украински функционер кој зборувал за „Фајненшл тајмс“, Киев сè повеќе е загрижен околу подготвеноста на Вашингтон да се обврзе со цврсти безбедносни гаранции, оценувајќи дека САД „се повлекуваат чекор назад секој пат кога договорот е подготвен за потпишување“.

Украинската страна инсистира гаранциите да бидат формализирани пред какви било територијални отстапки. Сепак, според извештајот, САД сметаат дека откажувањето од Донбас е клучно за прекин на војната, при што се наведува дека претседателот Трамп не врши притисок врз рускиот претседател Владимир Путин да се откаже од тоа барање.

Од Белата куќа ги отфрлија ваквите наводи. „Тоа е целосно неточно – единствената улога на САД во мировниот процес е да ги доближат двете страни до договор“, изјави за „Фајненшл тајмс“ Ана Кели, заменик-портпаролка на Белата куќа.

Извор близок до американската позиција за весникот изјавил дека Вашингтон „не се обидува да наметне никакви територијални отстапки на Украина“, додавајќи дека безбедносните гаранции зависат од тоа дали двете страни ќе постигнат заемно прифатлив мировен договор.

Во меѓувреме, Кремљ соопшти дека прашањето за териториите останува клучно за секој можен договор за прекин на борбите во Украина, јави агенцијата ТАСС, повикувајќи се на изјава по трилатералните разговори одржани минатиот викенд во Абу Даби.

Македонски