Студено утро со врнежи низ земјава: најмногу дожд во Крива Паланка, снег на Попова Шапка

11

Најстудено утринава е измерено на Попова Шапка, каде температурата се спушти до -3 степени. Под нулата беше и во Лазарополе со 0 степени, додека 1 степен е регистриран во Крушево и Маврови Анови. Температури од 2 до 4 степени се измерени во повеќе градови, меѓу кои Пожаране, Крива Паланка, Берово, Охрид, Битола и Прилеп, додека најтопло утрово беше во Гевгелија со 8 степени.

Најмногу дожд во изминатите 24 часа наврна во Крива Паланка – 39 литри на метар квадратен. Значителни врнежи се регистрирани и во Виница (26 л/м²), Берово (23), Скопје – Петровец (20) и Струмица (19 л/м²). На Попова Шапка наврнале 10 л/м², додека најмалку врнежи имало во Маврови Анови – 1 л/м².

Снежната покривка е највисока на Попова Шапка со 31 сантиметар, а 2 сантиметри снег се измерени во Маврови Анови.

Времето денеска ќе биде претежно облачно, со повремени локални врнежи од дожд во пониските и дожд и снег на повисоките места, додека на планините ќе има слаб снег. Попладне, во западните делови се очекува намалување на облачноста. Ќе дува слаб до умерен ветер, а долж Повардарието повремено засилен од северозападен правец. Максималните дневни температури ќе се движат од 9 до 12 степени.

Во Скопје ќе преовладува облачно време со повремени врнежи од дожд и слаб ветер од променлив правец, а температурата ќе достигне до 10 степени.

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози. Слаб снег паѓа на Попова Шапка и на превојот Ѓавато, но не се задржува на коловозот. Интензитетот на сообраќај надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за патнички возила и автобуси.

Од АМСМ апелираат возачите да ја приспособат брзината на условите на патот, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да управуваат внимателно, особено на делниците низ котлините, речните долини и клисурите, каде постои опасност од одрони. Посебно се потенцираат патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево. Патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица останува затворен до крајот на март.

Поради протести, повеќе гранични премини се блокирани за влез и излез од државата, а дополнителни информации се достапни преку известувањата на „Макам-Транс“. Од АМСМ потсетуваат дека зимската опрема во возилата и натаму е задолжителна.

Македонски