ВЛЕН: „Безбеден град“ е закон што ги штити животите и ја гарантира јавната безбедност
Законот за „Безбеден град“ претставува еден од најзначајните закони донесени во Северна Македонија, бидејќи во својата суштина има за цел заштита на животите на граѓаните и обезбедување безбедни јавни простори. Овој закон не се сведува на камери и казни, туку на создавање услови во кои секој граѓанин може да се движи слободно, без страв и без ризик по сопствениот живот.
„Безбеден град“ значи побезбедни улици за пешаците, велосипедистите, корисниците на електрични тротинети и лицата со попреченост. Тоа подразбира дека мајките можат без грижа да се движат со своите деца, дека граѓаните нема да ги загубат животите поради туѓа невнимателност и дека јавните простори ќе им служат на луѓето, а не на сообраќајниот хаос.
Законот директно е насочен кон намалување на смртоносните сообраќајни несреќи и унапредување на безбедноста на патиштата, особено на автопатите, регионалните патишта и градските булевари, каде што ризикот е секојдневна реалност. „Безбеден град“ претставува современа алатка за управување со јавната безбедност, усогласена со модерните предизвици и европските стандарди.
Современите европски градови веќе користат интегрирани системи за следење и брз одговор, со што значително ја зголемуваат безбедноста, го намалуваат просторот за прекршоци и ја зголемуваат ефикасноста и професионалноста на институциите. Во таа насока, „Безбеден град“ е важен чекор кон држава што функционира подобро во интерес на своите граѓани.
Во однос на имплементацијата на системот, од ВЛЕН нагласуваат дека толеранциите на камерите ќе бидат идентични со оние што веќе ги применуваат полициските радари – 6 км/ч за брзини до 100 км/ч и 8 км/ч за брзини над 100 км/ч. Ова, како што се посочува, јасно покажува дека целта не е казнување, туку превенција и спречување на прекршоци што директно ги загрозуваат животите на луѓето. Толеранцијата се однесува исклучиво на помали прекршоци и не важи за случаи на кривични сообраќајни дела.
Пораката на ВЛЕН е јасна – правилата постојат за да се почитуваат и за да го заштитат животот. Безбедноста не е казна, туку колективна одговорност. „Безбеден град“ е закон за побезбедно, поуредно и похумано општество.