„Сапорт Кочани“ ја реализираше третата распределба: Над 3,1 милион денари за погодените од трагедијата во „Пулс“

12

Иницијативата „Сапорт Кочани“ ја спроведе третата распределба на средства собрани преку заедничката наменска сметка за донации, при што финансиска помош добија лица директно погодени од трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“.

Како што соопштија волонтерите од иницијативата, во оваа фаза се распределени вкупно 3.153.204 денари. Од нив, 123 лица добиле по 15.968 денари, додека на 19 лица им биле исплатени по 45.992 денари. Дополнително, на име персонален данок на доход (ПДД) биле уплатени 319.292 денари.

Средствата од третата распределба потекнуваат од донации обезбедени од Македонската православна епархија за Европа, како и од ослободена банкарска провизија од НЛБ Тутунска банка.

Волонтерите од „Сапорт Кочани“, иницијатива формирана веднаш по катастрофалниот пожар од 16 март минатата година, нагласуваат дека процесот на директна финансиска поддршка продолжува според принципите на транспарентност, отчетност и правична распределба.

Заклучно со третата распределба, преку иницијативата се донирани вкупно 22.742.997 денари (бруто) на 142 лица кои пријавиле потреба за помош, при што на име персонален данок се исплатени вкупно 2.274.285 денари.

Македонски