Сезонски грип: 610 ученици отсутни од настава во Тетово
Второто полугодие во Тетово започна со значително намален број ученици во училишните клупи поради сезонскиот грип. Вкупно 610 ученици моментално отсуствуваат од настава, од кои најголемиот дел се од основните училишта, но висок е и бројот на средношколци.
Според податоците од Секторот за образование, до 400 ученици во основните училишта не го следат наставниот процес поради вирусни инфекции, додека околу 210 ученици од средните училишта исто така се отсутни поради здравствени причини.
„Веруваме дека оваа фаза на вируси ќе се намали и учениците постепено ќе се вратат во училишните клупи. Апелираме до родителите децата со симптоми на вирусни инфекции да не ги испраќаат на училиште“, изјави Назми Даути од Секторот за образование.
Најмногу отсутни ученици има во Основното училиште „Лирија“ во Тетово. Директорката Фарие Идризи-Касами информира дека во секое одделение отсуствуваат меѓу пет и 13 ученици.
„Во некои паралелки имаме и по 12 отсутни ученици, во други по пет – зависи од класот. Повторно апелирам до родителите, доколку децата имаат симптоми на грип, да не ги пуштаат на училиште“, истакна Идризи-Касами.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, неодамна изјави дека грипот сè уште не достигнал ниво кое би наложило продолжување на зимскиот распуст. Таа додаде дека вирусните инфекции не се пренесуваат исклучиво во училиштата, туку и во домашни услови, на јавни места или за време на зимските активности, како скијањето.