Обвинителката Ленче Ристоска поднесе тужба против ВМРО-ДПМНЕ поради јавни притисоци

35

Јавната обвинителка Ленче Ристоска поднесе тужба против политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи дека е недозволиво обвинети лица или носители на власт да вршат притисок врз јавни обвинители. Таа информира дека претходно ги искористила сите институционални механизми што ѝ стојат на располагање, но откако не добила јавно извинување од премиерот Христијан Мицкоски за навредливите изјави и епитети, одлучила правдата да ја побара пред суд.

„Ги искористив сите институционални механизми што ми беа на располагање, бидејќи е апсолутно неприфатливо кое било обвинето лице да врши притисок врз јавен обвинител, а особено кога станува збор за носители на извршната власт. Да, поднесов тужба против политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Во однос на премиерот, согласно постапката, се обратив и до Советот на јавни обвинители, кој има обврска да ја штити независноста на обвинителите“, изјави Ристоска.

Обвинителката е дел од Основното јавно обвинителство Скопје и ги води предметите „Талир 1“ и „Талир 2“, кои се однесуваат на незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ и поранешни партиски функционери. Во овие постапки, како што е познато, се бара и конфискација на имот на партијата, меѓу кој и седиштето познато како „Бела палата“.

Од Владата реагираа дека премиерот Мицкоски во јавниот настап не ја спомнал обвинителката по име и презиме, оценувајќи дека е „чудно“ како таа се препознала во изјавите.

„Премиерот Христијан Мицкоски во интервјуто не ја спомена Ленче Ристоска конкретно. Тој говореше воопшто за просечност, па зачудува како обвинителката се идентификувала во таа изјава“, соопштија од Владата.

Во меѓувреме, Ристоска, повикувајќи се на Правилникот за обезбедување и гарантирање на независноста на јавните обвинители, писмено го известила и Советот на јавни обвинители дека ваквиот јавен говор, според неа, директно ја нарушува нејзината независност во вршењето на обвинителската функција.

Претседателот на Советот на јавни обвинители, Башким Бесими, потврди дека известувањето е примено и најави дека случајот ќе биде разгледан во наредниот период, по што ќе се одлучи дали ќе следуваат конкретни мерки.

Македонски