Продолжуваат внатрешните препукувања во СДСМ, Шилегов и Деспотовски контра Филипче
Поранешниот градоначалник на Скопје и член на СДСМ, Петре Шилегов, јавно побара оставка од актуелното раководство на партијата, оценувајќи ги резултатите од нивното работење како катастрофални. Во гостување на Телма, тој посочи дека драстичниот пад на поддршката – сведена на околу 100 илјади гласови и само 15 пратеници – ја позиционирал партијата како петта политичка сила во Скопје и трета на државно ниво.
Шилегов предупреди дека незадоволството не доаѓа само од него, туку и од сериозна внатрепартиска групација, во која има и актуелни пратеници што, како што рече, немаат никаква комуникација со раководството. Според него, можно е и распаѓање на пратеничката група, како и отпор од локалните партиски структури, што ќе биде јасен сигнал дека сегашниот партиски врв мора да си замине.
Тој ја критикуваше и одлуката на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, да не учествува на лидерската средба, нагласувајќи дека станува збор за лична, а не партиска одлука. Образложението дека „не се седи на маса со криминалци“, според Шилегов, е апсурдно и дополнително ја продлабочува кризата.
Во меѓувреме, Јован Деспотовски побара јавно извинување од СДСМ за навредите упатени кон него, оценувајќи дека единствено одговорно за растечкото незадоволство меѓу членството е актуелното раководство на партијата. Тој истакна дека е недозволиво поранешни и сегашни функционери да се обвинуваат за состојбите во партијата, додека вистинската одговорност, како што рече, лежи кај сегашниот партиски врв.
Деспотовски нагласи дека токму сегашното раководство ја сноси вината за маргинализацијата на СДСМ и неговото исклучување од клучните политички процеси во државата, оценувајќи дека партијата се соочува со сериозна внатрешна и политичка криза.
Од СДСМ веќе нагласија дека во изминатиот период се реализира „специјална операција“ водена од ВМРО-ДПМНЕ преку „квинслинзите Шилегов и Деспотовски“:
Обидите на ВМРО за рушење на СДСМ одвнатре продолжуваат преку Петре Шилегов. Тоа веќе на сите им е јасно. Не се знае само дали Шилегов е уценет или купен?
Имајќи ги предвид неговите склоности, пороци, приватните слабости и долгови, предавството на Шилегов на сопствената партија и на членовите на СДСМ е очекувано.
Како што впрочем најави и претседателот Филипче.
Сè е договорено, координирано и синхронизирано со ВМРО, нивните кујни и медиумскиот октопод Алфа-Алта.
Шилегов вечерва користеше иста реторика од прес конференциите и соопштенијата на ВМРО, дека сме биле „изолирана партија“ (термин на Мицкоски) која „седела со Груевски“. Зошто? За да го спаси Мицкоски од обвинувањата дека е криминалец!
Оваа специјална операција на ВМРО трае веќе неколку недели, секојдневно.
Жестоко удираат по СДСМ: Геро, Ивона, Бетмен, Наум, квислингот Деспотовски и на крај Шилегов. Сите ги командува еден центар: ВМРО. Целта е рушење на СДСМ.