По 22 години разрешена мистерија: Скелет пронајден во Брисел идентификуван како исчезнат македонски државјанин

15

Форензичките служби утврдиле дека скелетот пронајден минатото лето во подрум на куќа во бриселската населба Форест му припаѓа на македонскиот државјанин Реџеп Рахмановски, кој бил пријавен за исчезнат уште во 2003 година, соопшти белгиската Федерална полиција.

Посмртните останки биле откриени во јули 2025 година, за време на реновирање на приватен објект, по што биле доставени на детална форензичка анализа. Анализите потврдиле дека станува збор за Рахмановски, роден во Македонија во 1976 година.

Според полициските евиденции, Рахмановски последен пат бил виден вечерта на 16 јули 2003 година, кога го напуштил своето работно место. Од тој момент, неговата судбина била целосна непознаница, а полицијата со години немала информации за тоа што му се случило.

По идентификацијата, белгиските власти издале налог за претрес на куќата каде што бил пронајден скелетот, со цел да се приберат дополнителни докази и да се расветлат околностите под кои настапила смртта.

Федералната полиција упати апел до јавноста, повикувајќи ги сите кои имаат какви било сознанија за Реџеп Рахмановски или за неговото исчезнување да се јават и да помогнат во истрагата. Од полицијата уверуваат дека со сите информации ќе се постапува целосно дискретно.

Македонски