Општина Центар со интензивни активности за расчистување на снегот, фрлени 15 тони сол
Службите на Општина Центар од раните утрински часови се ангажирани на терен со засилени активности за расчистување на снегот и обезбедување безбедни услови за сообраќај и движење на граѓаните. Досега на коловозите се фрлени околу 15 тони сол, при што приоритет им се дава на најкритичните сообраќајни точки.
Како што информираат од Општината, механизацијата интервенира и на пристапните патишта кон Водно, каде што паралелно се врши чистење на снегот и посипување со сол. Истовремено, екипите работат и на расчистување на тротоарите, пешачките патеки, како и на просторот околу здравствените установи, училиштата и детските градинки, со цел непречено и безбедно движење на граѓаните и учениците.
Од Општина Центар апелираат до граѓаните да пријавуваат проблематични и критични локации, за службите навремено да реагираат. Пријавувањето може да се направи на телефонските броеви 075 219 068, 076 313 381 и 075 476 768.
„Екипите се постојано на терен, располагаме со доволни количини сол, а механизацијата континуирано интервенира на сите локации што се во надлежност на Општина Центар“, изјави градоначалникот Горан Герасимовски.