ЈСП со рокови за заверка на студентските и пензионерските билети за 2026 година
Од Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје информираат дека студентите кои користат студентски годишен билет за бесплатно возење се должни да ја извршат неговата заверка најдоцна до 20 јануари 2026 година. До наведениот рок, како што соопштуваат од ЈСП, ќе има разбирање и одредени отстапки во делот на казнените санкции, со апел студентите навремено да ја завршат постапката.
Заверката започна на 25 декември 2025 година и се врши во кој било центар за персонализација на ЈСП, со задолжително лично присуство. Потребно е доставување потврда за редовен студент од акредитирана високообразовна установа, оригинален индекс со запишан зимски семестар и лична карта на увид.
Од претпријатието појаснуваат дека студентите – бруцоши од академската 2025/2026 година автоматски го задржуваат правото на важност на студентскиот билет и за наредната календарска година. Студентскиот годишен билет овозможува неограничен број возења на сите градски и приградски линии, со исклучок на ноќниот превоз.
ЈСП нагласува дека картичката „Скопска“ со соодветно евидентиран билет е единствениот валиден документ за бесплатно користење на јавниот превоз, додека индекс или потврда за редовен студент не се прифаќаат како доказ при контрола.
Во соопштението е вклучено и потсетување до лицата постари од 62, односно 64 години, корисници на бесплатен годишен билет, дека треба да ја извршат заверката за 2026 година најдоцна до 31 јануари 2026 година. Заверката се врши во центрите за персонализација со лично присуство и документ за идентификација. Билетите што нема да бидат заверени во предвидениот рок ќе бидат автоматски блокирани.
Од ЈСП дополнуваат дека по истекот на рокот, корисниците нема да можат да купат месечен пензионерски билет по цена од 300 денари доколку претходно не е заверен бесплатниот годишен билет.