АХВ изрече 22 казни во вредност од околу 40.000 евра при вонредни контроли во маркети
Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) изрекоа вкупно 22 парични казни во денарска противвредност од околу 40.000 евра на оператори со храна, во рамки на вонредните инспекциски надзори спроведени во маркети и хипермаркети низ целата држава.
Како што информираат од АХВ, акцијата била реализирана во периодот од 13 до 16 јануари, при што биле контролирани вкупно 188 оператори со храна од оваа категорија.
При контролите, кај 10 оператори биле утврдени полесни прекршоци од областа на безбедноста на храната, како што се несоодветна селекција на разладни уреди, нејасни и нечитки декларации на производите и други неправилности, за што биле изречени мерки опомена. Во два маркета, пак, било констатирано дека вработените немаат важечки санитарни книшки.
Од Агенцијата дополнуваат дека кај шест маркети било утврдено отсуство на имплементирани процедури за примена на правилата за Добра производствена и Добра хигиенска пракса, додека во 14 маркети била затекната храна со изминат рок на траење.
Во рамки на акцијата, како небезбедна храна биле одземени и нештетно уништени над 253 килограми различни производи, меѓу кои месо и преработки од месо, млечни, кондиторски и други видови храна.