Словенија испраќа двајца офицери во Гренланд на НАТО-вежба предводена од Данска
Двајца словенечки офицери во наредниот период ќе заминат во Гренланд, каде ќе учествуваат во меѓународната воена вежба „Арктичка отпорност“, која се одржува под водство на Данска, објави телевизијата N1.
Одлуката е донесена на маратонска седница на словенечката влада, која траела цела ноќ и завршила утринава околу 10 часот. Во образложението се наведува дека офицерите ќе бидат упатени во најкраток можен рок, доколку сите активности се одвиваат според планот. Воедно, владата си задржува право, доколку се појави потреба од поголем ангажман, со посебна одлука да одобри и дополнително учество на Армијата на Словенија.
Целта на вежбата е зајакнување на присуството на НАТО во Арктикот и испраќање порака на одвраќање, пред сè кон Русија, но и во контекст на изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој во повеќе наврати тврдеше дека САД би можеле да го преземат Гренланд „со или без употреба на сила“, а неодамна најави и можни царински мерки кон земјите што не би се согласиле со такво сценарио.
Од Данската арктичка команда соопштија дека на вежбата се поканети и САД, во рамки на пошироките сојузнички активности поврзани со војната во Украина. Генерал-мајорот Сорен Андерсен изјави дека Арктикот, според новиот стратешки концепт на НАТО, е препознаен како чувствителен регион, каде Русија би можела да се обиде да го ограничи движењето и навигацијата на сојузниците.
Андерсен најави дека на вежбата ќе се приклучат и балтичките земји, дека ќе учествува и Канада, како и дека НАТО има тесна соработка со САД „рамо до рамо“. Дел од јавноста овие изјави ги протолкува како индиректен повик Вашингтон поактивно да се вклучи во вежбата.
– Целта е јасна демонстрација на единството и солидарноста на Алијансата, дури и на најсеверните точки на светот – истакна Андерсен.
Сепак, симболичниот број на учесници предизвика и критики во дел од Европа. Италијанскиот министер за одбрана Гвидо Кросето јавно ја исмеа иницијативата, доведувајќи ја во прашање нејзината сериозност.
– Гренланд? Се прашувам зошто. Туристичко патување? Петнаесет Французи, петнаесет Германци – звучи како почеток на шега – изјави Кросето во Рим.
Тој нагласи дека Европа не смее да изгледа како збир на расфрлани мали контингенти, туку како обединета сила способна да испрати јасна и силна порака на одвраќање.