Рама со остри критики кон албанската јавна телевизија: РТШ е неуспешна и мора да се реформира
Албанскиот премиер Еди Рама упати жестоки критики кон раководството на Албанската радио-телевизија (РТШ), оценувајќи го јавниот сервис како „најмизерната служба на светот“ и нагласувајќи дека институцијата итно мора да помине низ темелна реформа.
Рама порача дека државата нема да издвојува јавни средства за РТШ сè додека не се спроведат суштински промени, додавајќи дека сите можности се отворени – од затворање, преку приватизација, до јавно-приватно партнерство.
Премиерот истакна дека јавниот сервис со години функционира незадоволително и дека, според него, резултатите се полоши и од оние на помалите комерцијални телевизии со значително поскромни буџети. Тој додаде дека не ја следел програмата на РТШ уште од 1990 година и дека и покрај тоа што им била дадена шанса на директорите да ја подобрат работата, напредок не бил забележан.
На ваквите изјави реагираше Здружението на новинари на Албанија, кое оцени дека реториката на премиерот е стигматизирачка за јавните медиуми и дека најавените драстични решенија можат сериозно да го загрозат медиумскиот плурализам и уредничката независност.
Од Здружението повикаа реформите во РТШ да се спроведуваат преку отворен дијалог со медиумски експерти и граѓанското општество, во согласност со европските стандарди за слобода на медиумите.
Тие потенцираат дека РТШ е институција од јавен интерес, со обврска да обезбеди непристрасно информирање, културна и образовна програма и еднаков пристап за сите граѓани, предупредувајќи дека опции како затворање или приватизација би го довеле во прашање правото на јавноста на информации.