НП Шар Планина забрани нелегален превоз на скијачи со ратраци, најавени пријави до МВР и инспекторат

2

Јавната установа Национален парк Шар Планина соопшти дека при спроведени теренски контроли на државен имот е утврдено незаконско вршење дејност – превоз на скијачи со ратраци, што било спротивно на важечката законска регулатива и режимите за заштита на природата во паркот.

Според управата на паркот, конкретниот оператор немал склучено договор, ниту соодветна спогодба со институцијата, како што е предвидено со Одлуката за режимот на движење со моторни возила на територијата на Националниот парк Шар Планина и со Планот за управување со паркот.

Од НП Шар Планина информираат дека при контролите било констатирано вршење скијање со пет возила ратраци од страна на оператор кој не ги исполнувал законските услови. Како директна последица, веднаш била изречена мерка за забрана на движење на ратраците на операторите кои немаат склучено договор со институцијата надлежна за регулирање на туристичките активности во рамките на паркот.

Во соопштението се наведува и дека вработените на паркот биле попречувани при извршувањето на службените задачи.

„За време на спроведувањето на контролите, вработените беа попречени од операторот со движењето на ратраците, со што беше оневозможено извршувањето на задачите согласно член 112 од Законот за заштита на природата. Овие постапки создадоа директен ризик за животот и безбедноста на нашите вработени и го нарушија нормалното функционирање на институцијата“, соопштуваат од Националниот парк.

По инцидентот, најавено е поднесување пријави до Министерството за внатрешни работи и до Државниот инспекторат за животна средина и просторно планирање.

Од НП Шар Планина ја потсетуваат јавноста дека скијањето со ратраци е дозволено исклучиво во зоните определени за активно управување, надвор од зоните со строга заштита и само доколку се исполнети сите законски и договорни услови.

„Со договорниот однос се воспоставува јасен режим на движење, надзор и одговорност, со цел да се намали влијанието на моторизираните активности врз чувствителните живеалишта, да се зачува биодиверзитетот и еколошката рамнотежа на паркот“, наведуваат од институцијата.

Ренџерската служба на Националниот парк, како што се додава, ќе продолжи со редовни и засилени теренски контроли и ќе презема законски мерки за секоја утврдена повреда, во согласност со Законот за заштита на природата.

Македонски