Превозниците од Западен Балкан најавија блокада на товарните премини кон Шенген од 26 јануари
Здруженијата на превозници од земјите на Западен Балкан најавија дека од 26 јануари ќе започнат со блокади на товарните гранични премини со државите од Шенген зоната, како реакција на проблемите што, според нив, ги создава новиот европски систем за евиденција на влез и излез (EES).
На заедничка прес-конференција одржана во Белград, претставници на превозничките здруженија од Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, со поддршка од нивните колеги од Северна Македонија, оценија дека Европската комисија и земјите од Шенген не понудиле соодветно решение за статусот на професионалните возачи. Како клучен проблем го посочија ограничувањето на престојот на возачите во Шенген зоната за време на нивните редовни работни ангажмани.
Превозниците нагласија дека протестот нема политичка позадина и дека нивна цел е да се отворат разговори со претставници на европските институции, со цел возачите да бидат третирани како прекугранични работници, а не како туристи.
Според нив, целосната примена на системот EES, која е најавена за 10 април, практично ќе го ограничи престојот на возачите од Западен Балкан во земјите од Шенген поради надминување на дозволениот број денови. Тоа, како што предупреди претседателот на Меѓународната транспортна асоцијација на Србија, Неѓо Мандиќ, може да има сериозни последици врз економијата, да ги наруши синџирите на снабдување и да ги загрози работните места на илјадници професионални возачи.