Европската Демократска партија на Аријанит Хоџа се приклучува кон ДУИ: Отворен процес за политичко обединување на Албанците
Централното собрание на Европската демократска партија (ЕДП) оцени дека актуелниот политички момент бара да се даде шанса на обединување во рамките на една политичка партија која и натаму ќе биде водечки глас на Албанците во Северна Македонија. Како резултат на тоа, ЕДП, предводена од Аријанит Хоџа, влегува во процес на спојување со Демократската унија за интеграција (ДУИ) на Али Ахмети.
Како што информира партијата преку социјалните мрежи, Централното собрание ја разгледало официјалната покана од ДУИ за обединување на политичките сили и ја оценило како можност за зајакнување на албанскиот политички фактор во земјата.
„Имајќи го предвид политичкиот моментум и потребата од што поголемо обединување на Албанците, како и посилна артикулација на нивниот политички глас – особено по Конгресот на ДУИ, внатрепартиските промени и усвоените резолуции – Централното собрание оцени дека треба да се даде шанса на обединување во рамките на политичка партија која ќе продолжи да биде главен глас на Албанците во Северна Македонија“, соопштија од ЕДП.
Од партијата додаваат дека претседателот Аријанит Хоџа е овластен да ги продолжи разговорите со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, со цел да се најде најсоодветна форма и модел за финализирање на процесот на обединување.
ЕДП на Хоџа и претходно соработуваше со ДУИ – пред парламентарните избори во 2024 година беше дел од „Европскиот фронт“, а заедно со коалицијата „Ние заедно“ на Ахмети настапија и на минатогодишните локални избори.
Аријанит Хоџа својата политичка кариера ја започна во Демократската партија на Албанците (ДПА), во периодот кога партијата ја водеше Арбен Џафери. Потоа беше дел од Новата демократија на Имер Селмани, па премина во Беса, каде извршуваше функции генерален секретар и потпретседател. Во 2020 година беше министер за земјоделство во Владата на Зоран Заев, по предизборната коалиција меѓу Беса и СДСМ.
Инаку, Генералното собрание на ДУИ пред два дена упати јавен повик до сите политички партии, интелектуални и професионални кругови кои се блиски до визијата на партијата, да се приклучат кон неа.
„ДУИ останува отворена за инкорпорирање и апсорбирање на сите интелектуални и политички потенцијали во земјата, со цел унапредување на политиките и визијата во интерес на државата и на сите граѓани“, соопштија од ДУИ.