Бугарската комисија го одби предлогот за 100% автоматско гласање

3

На вонредниот состанок на Комисијата за уставни и правни прашања во Народното собрание, предлогот за 100% автоматско гласање беше одбиен, објавија медиумите во Бугарија.

Пратениците од ПП-ДБ, АПС, Величие и МЕХ гласаа „за“ автоматското гласање, односно вкупно шест гласа, додека седум пратеници од БСП, ИТН и МРФ гласаа „против“. Уште седум пратеници, меѓу кои и од ГЕРБ и „Вазраждане“, беа воздржани.

Денешната седница траеше повеќе од два часа, а на првото читање беа разгледувани измените во Изборниот законик. ПП-ДБ инсистира на целосно 100% автоматско гласање без хартиени гласачки ливчиња, додека партиите од владејачката коалиција се залагаат за комбиниран модел – автоматско гласање со уреди за скенирање.

Според Венецијанската комисија, измените во Изборниот законик не се прифатливи доколку се носат два месеци пред одржување на избори.

Состанокот на Комисијата, кој беше закажан за вчера, не се одржа поради продолжување на редовната пленарна седница на парламентот за неколку часа.

Според бугарските аналитичари, ваквиот развој на настаните е јасен сигнал за продлабочување на политичката криза во земјата, бидејќи власта го отфрла 100% машинското гласање – едно од клучните барања на протестите ширум Бугарија за реформи во изборниот процес.

Македонски