„Стоп за Усје“ најавува нова граѓанска блокада: Институциите молчат, загадувањето продолжува

11

По првата граѓанска блокада одржана на 26 декември 2025 година, од граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ соопштуваат дека нивните барања биле официјално доставени до сите надлежни институции, но до овој момент немаат добиено никаков одговор, ниту, пак, биле повикани на средба или разговор, објави порталот 24инфо.мк.

Од иницијативата упатуваат јасна порака до јавноста, повикувајќи на масовна поддршка во борбата против аерозагадувањето.

„Или ќе излеземе сите – или ќе нè снема еден по еден! Излези, затоа што воздухот нема да се исчисти сам“, порачуваат од „Стоп за Усје“.

Тие обвинуваат дека индустрискиот капацитет Усје и понатаму одбива да постави мерни станици со јавно достапни податоци за квалитетот на воздухот, што, според нив, сериозно ја нарушува довербата во официјалните тврдења дека фабриката не претставува извор на загадување.

Протестот, како што наведуваат, произлегува од итното и принципиелно барање „Здравјето пред профитот“, при што особено ја истакнуваат загриженоста за здравјето на децата и на граѓаните кои живеат во непосредна близина на фабриката.

Новата мирна граѓанска блокада е најавена за 21 јануари 2026 година (среда), со почеток во 18:00 часот, на раскрсницата меѓу булеварите „Борис Трајковски“ и „Србија“, на патниот правец кон Усје.

Македонски