Данска и САД со сериозни несогласувања околу Гренланд: „Освојувањето е неприфатливо“
Данскиот министер за надворешни работи, Ларс Леке Расмусен, изјави дека постојат „суштински несогласувања“ меѓу Данска и Соединетите Американски Држави во врска со Гренланд, по разговорите одржани во Белата куќа, пренесува Би-Би-Си.
Расмусен информираше дека средбата со потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, и државниот секретар Марко Рубио била „отворена, но конструктивна“, но истакна дека американскиот претседател Доналд Трамп и понатаму инсистира на „освојување“ на Гренланд, што, како што нагласи, е „целосно неприфатливо“.
„Многу јасно ставивме до знаење дека тоа не е во интерес на Данска“, изјави Расмусен.
По средбата, Трамп повторно ја потенцираше својата намера САД да го преземат островот богат со природни ресурси, став што предизвика вознемиреност кај европските сојузници и дополнително ги зголеми тензиите во рамки на НАТО.
Едночасовната средба меѓу претставници на САД, Данска и Гренланд не донела значителен напредок, но страните се согласиле да формираат заедничка работна група која ќе разговара за иднината на автономната данска територија.
Расмусен нагласи дека постојат „црвени линии“ кои САД не смеат да ги преминат и дека работната група ќе се состане во наредните недели со цел да се најде можен компромис. Тој додаде дека Данска и Гренланд се отворени за опцијата САД да отворат дополнителни воени бази на островот.
Данскиот министер оцени дека има „делумна вистина“ во тврдењата на Трамп дека безбедноста на Арктикот треба да се зајакне поради руските и кинеските интереси, но истакна дека наводите за присуство на руски и кинески воени бродови околу Гренланд „не се точни“.
Иако е ретко населен, Гренланд има исклучително важна стратешка позиција меѓу Северна Америка и Арктикот, што го прави клучен за системите за рано предупредување од ракетни напади и за следење на поморскиот сообраќај во регионот. Доналд Трамп во повеќе наврати изјави дека преземањето на островот е од витално значење за националната безбедност на САД.