Семејствата на жртвите од пожарот во Кочани упатија сочувство до Швајцарија по трагедијата во Кран-Монтана

12

Родителите и семејствата на загинатите во трагедијата во Кочани изразија длабока солидарност и сочувство по катастрофалниот пожар во швајцарскиот зимски центар Кран-Монтана, каде што, според официјалните информации, животите ги загубија најмалку 47 лица.

Членовите на „Здружението на граѓани 16-ти март 2025 година“, кои и самите ја преживеале болката од ненадејното губење на најблиските во пожар, испратија писмо со сочувство до Швајцарската амбасада. Како што наведуваат, трагичната вест од Кран-Монтана ги вратила во денот кога нивните животи неповратно се поделиле на „пред“ и „по“ трагедијата.

Во пораката тие истакнуваат дека добро ја разбираат болката на семејствата кои останале без најблиските, тишината што останува зад празните места и тежината што ја носи секој нов ден по ваква загуба.

„Нашите мисли, молитви и срца се со семејствата на загинатите, со повредените и со сите што ја носат оваа незамислива болка. Со вас сме не како набљудувачи, туку како луѓе што ја носат истата рана“, порачуваат од Здружението.

Тие нагласуваат дека во вакви моменти најважни се човечноста, солидарноста и подадената рака, како и сознанието дека никој не е сам во болката. Истовремено, упатуваат желби за побрзо закрепнување на повредените и изразуваат подготвеност да помогнат со поддршка и разбирање.

Катастрофалниот пожар избувнал за време на новогодишна забава во бар во луксузниот скијачки центар Кран-Монтана, при што, според првичните информации, над 40 лица го загубија животот, а најмалку 115 беа повредени, дел од нив со тешки повреди.

Швајцарскиот претседател Ги Пармелен трагедијата ја оцени како една од најтешките во историјата на земјата, истакнувајќи дека нацијата е длабоко потресена од „драмата во Кран-Монтана“.

Македонски