Делумен прекин на железничкиот сообраќај поради бојкот на персоналот во МЖ Транспорт

8

Патничкиот и товарниот железнички сообраќај во државава се во делумен прекин поради бојкот на поголемиот дел од машинскиот и извршниот персонал во МЖ Транспорт, изјави денеска за МИА Тони Димовски, претседател на Синдикалната организација на машиновозачи на Македонија и претставник на машинскиот и извршниот персонал во претпријатието.

Бојкотот започнал вчера поради, како што вели Димовски, неисплатениот втор дел од платата за ноември и неисполнетите барања од бојкотот на почетокот на декември, и покрај постигнатиот договор со раководството на железничкото претпријатие.

Димовски посочува дека на 18 декември им бил исплатен првиот дел од платата за ноември и дека добиле неофицијални информации оти денеска ќе биде исплатен и вториот дел, но нагласува дека бојкотот ќе продолжи сè додека не бидат повикани на преговори за нивните претходни барања.

– Ќе бидеме во бојкот сè додека не бидеме повикани на средба за да се договори исполнување на барањата, но и да има документ дека тоа ќе се исполни, најавува Димовски.

Тој тврди дека 60 до 70 проценти од машинскиот и извршниот персонал е во бојкот, поради што не сообраќаат поголемиот дел од возовите.

– Од патничките возови вчера сообраќаше само еден, од Скопје за Гевгелија во 16:55 часот, а од товарните возат поголемиот дел од возовите. Откако стапивме во бојкот вчера во 04:47 часот не тргнаа возовите на релациите Скопје–Куманово и обратно, Скопје–Битола, Скопје–Велес, како и Скопје–Куманово од ноќеска и утринава Скопје–Гевгелија, изјави Димовски.

На 1 декември минатата година железничкиот сообраќај во државава беше во целосен прекин, а се нормализира на 2 декември по средбата на претставниците на машинскиот и извршниот персонал со раководството на МЖ Транспорт и Министерството за транспорт.

До раководството на железничкото претпријатие, како што информира Димовски, уште на 2 октомври биле доставени 15 барања, меѓу кои исплата на прекувремени часови, бонус плата за над 150 прекувремени часови, покачување на коефициентот за 0,80 поради зголемени животни трошоци и исплата на додаток од 10 отсто на платата за вонредно повикување на работа.

Македонски