Сиљановска-Давкова: Нова 2026 година во знак на мир, европска иднина и владеење на правото
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во новогодишната честитка за Новата 2026 година упати порака за траен светски мир, темелен на меѓународното право и силни меѓународни институции, како и за јасна определба на државата кон членство во Европската Унија.
Таа истакна дека целта е градење општество засновано на владеење на правото, демократија, економски просперитет и здрава животна средина.
Лично, секому од вас му посакувам Нова година каква што најмногу сака. Среќна Нова 2026 година, сакани деца, среќна Нова година почитувани млади, среќна Нова година почитувани граѓани – порача Сиљановска-Давкова.
Осврнувајќи се на годината што изминува, таа ја оцени 2025 година како период исполнет со значајни промени на меѓународната сцена и важни процеси во земјата. Според неа, светот ќе ја памети годината по драматичните промени во меѓународниот поредок, војните со голем број човечки жртви, забрзаната милитаризација, како и продлабочувањето на климатските, еколошките и енергетските кризи. Дополнителен предизвик, како што наведе, било маргинализирањето на меѓународните институции и суспендирањето на меѓународното право.
Во делот на надворешната политика, претседателката истакна дека државата се водела согласно европските безбедносни и политички стандарди, позиционирајќи се како „видлив и почитуван актер“ на меѓународната сцена. Во однос на евроинтеграциите, фокусот во текот на 2025 година бил ставен на исполнување на Копенхашките критериуми.
На домашен план, Сиљановска-Давкова ја оцени 2025 година како почеток на клучни процеси, меѓу кои реформи во правосудството, засилена борба против корупцијата и криминалот, изработка на национална развојна стратегија, нови стратешки партнерства за економски развој, инфраструктурна офанзива и долгорочно решавање на енергетските прашања, како и системско унапредување на соработката со дијаспората.
Како најтежок момент за граѓаните, претседателката ја посочи трагедијата во Кочани, нагласувајќи дека таа болка ќе остане трајно присутна.
– Обврска на државата и општеството е да не ги заборават семејствата на загинатите и повредените и да обезбедат правда. Нивната немерлива жртва мора да нè направи подобри луѓе и да создаде политички и правен систем што нема да дозволи нови невини жртви – порача Сиљановска-Давкова.