Повеќе од половина од семејниот буџет оди за храна
Македонските домаќинства во 2024 година потрошиле 50,8 отсто од вкупниот семеен буџет за храна и безалкохолни пијалаци, покажуваат податоците од „Статистичкиот годишник 2025“ на Државниот завод за статистика.
Во просек, домаќинствата издвојувале околу 159.750 денари годишно за овие потреби. Најголем дел од средствата биле наменети за месо, млеко и млечни производи, како и за житни производи.
Податоците покажуваат дека најчесто консумираните производи биле леб – во просек 172,3 килограми годишно по домаќинство, како и компир – околу 64 килограми. Од месото, најмногу се консумирала живина, додека најмал удел имале овчото и јагнешкото месо.
Кога станува збор за пијалаците, доминирале безалкохолните, со просечна потрошувачка од 181,6 литри годишно по домаќинство.
Истражувањето е спроведено врз основа на Анкетата за потрошувачката на домаќинствата и опфатило примерок од над 5.000 домаќинства низ земјава.