ПИОМ: Обезбедени средства за декемвриските пензии, исплатата започнува од 2 јануари 2026

9

Фондот на пензиското и инвалидското осигурување (ПИОМ) информира дека се целосно обезбедени средствата за исплата на пензиите за месец декември 2025 година. Поради тоа што 1 јануари е државен празник и неработен ден, официјалната исплата ќе започне на 2 јануари 2026 година, при што дел од деловните банки ќе започнат со исплата и пред овој датум.

Од ПИОМ соопштуваат дека за исплата на пензиите се обезбедени средства во вкупен износ од 9.289.521.686 денари, односно околу 150 милиони евра, наменети за вкупно 340.156 корисници на пензија.

„Известувањата со прецизните податоци за бројот на пензионери и соодветните износи веќе се доставени до сите деловни банки, со што се гарантира дека процесот на исплатата ќе се одвива ефикасно и без доцнење“, наведуваат од Фондот.

Средствата ќе бидат префрлени на сметките на деловните банки на 2 јануари 2026 година, но, согласно интерните процедури, дел од банките ќе овозможат исплата и пред овој датум, со цел пензионерите навремено да располагаат со своите примања за празничните денови.

Од Фондот на ПИОМ на сите пензионери и граѓани им ги честитаат претстојните Новогодишни и Божиќни празници, со желби за добро здравје и мирни празници.

Македонски