Напредок без пробив по разговорите Трамп–Зеленски за украинскиот мировен договор

14

И покрај одреден напредок, не е постигнат клучен пробив за украинскиот мировен договор по разговорите меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот лидер Володимир Зеленски, кои во неделата се одржаа во Мар-а-Лаго, Флорида.

Зеленски утрово изјави дека од Трамп побарал безбедносни гаранции за Украина во траење до 50 години, но дека во актуелната нацрт-рамка за мир се предвидуваат американски безбедносни гаранции од 15 години. Тој нагласи дека инсистира на гаранции „слични на член 5 од НАТО“, односно принципот дека напад врз една земја се смета за напад врз сите.

Според Зеленски, безбедносните гаранции од САД во рамките на ревидираниот предлог од 20 точки се „100 проценти договорени“, додека Трамп беше повнимателен, оценувајќи дека договореноста е „над 95 проценти“.

Двајцата лидери изјавија дека е постигнат напредок и дека разговорите ќе продолжат, но Трамп предупреди дека остануваат „едно или две тешки прашања“, особено околу територијата. Тој изрази и разбирање за руската позиција против итен прекин на огнот, истакнувајќи дека „мора да се разбере и другата страна“.

Прашањето за иднината на Донбас, регионот во источна Украина кој во голема мера е под руска контрола, останува нерешено. Трамп потврди дека идејата за демилитаризирана зона во Донбас сè уште е отворена и дека во наредните недели ќе стане појасно дали војната може да заврши. И покрај тоа, тој оцени дека договорот е „поблиску од кога било“.

По состанокот, Трамп најави можност да отпатува во Киев и да се обрати пред украинскиот парламент, но оцени дека тоа веројатно нема да биде неопходно. Зеленски одговори дека американскиот претседател „секогаш е добредојден“.

Иако атмосферата на средбата беше позитивна, аналитичарите забележуваат дека нема јасни сигнали за скорешен договор. Русија, според Кремљ, не отстапува од своите барања, вклучително и повлекување на украинските сили од делови од Донбас што сè уште се под контрола на Киев.

Зеленски повтори дека Украина мора да го почитува својот устав, законите и волјата на народот, нагласувајќи дека територијалното прашање е „многу тешко“, како што и самиот Трамп призна.

Разговорите се одржаа неколку часа по телефонскиот разговор меѓу Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, кој американскиот лидер го оцени како „добар и продуктивен“. Сепак, засега останува неизвесно дали дипломатските напори ќе резултираат со траен мир.

Македонски