Собранието го усвои Законот за Судски совет со 73 гласа „за“

5

Собранието денеска со 73 гласа „за“ и еден „воздржан“ го усвои Законот за Судски совет, со кој се воведуваат значајни измени насочени кон унапредување на работата, транспарентноста и отчетноста на ова тело.

Како што беше истакнато, основната цел на законските измени е отстранување на досегашните утврдени слабости во постојната правна рамка и создавање пофункционален и поефикасен Судски совет, во согласност со европските стандарди и препораки.

Меѓу клучните новини се воведувањето јавност во постапката за разрешување на претседателот на Судскиот совет, прецизирање на критериумите за избор на „истакнат правник“, како и задолжителна јавна расправа при изборот на кандидатите за несудски членови, со цел зголемување на транспарентноста и одговорноста.

Законот предвидува и зајакнување на критериумите за избор, одговорност и разрешување на членовите на Судскиот совет од редот на судиите, како и јасно дефинирање на постапката за дисциплинска одговорност, не само на судиите, туку и на членовите на Советот.

Дополнително, се воведува обврска Судскиот совет детално да ги образложува и индивидуализира одлуките за избор и утврдување одговорност на судиите, да утврди рокови за преземање дејствија во дисциплинските постапки, како и прецизно да ги дефинира основите и постапката за жалба против одлуките на Советот.

Со овие решенија, се очекува унапредување на целокупната правна рамка и зајакнување на довербата во судскиот систем, во согласност со реформските приоритети на земјата на патот кон Европската унија.

Македонски