Курти најави брзо формирање нова влада по изборната победа во Косово
Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека ќе пристапи кон брзо формирање нова влада откако неговата партија Ветевендосје освои околу половина од гласовите на предвремените парламентарни избори одржани во неделата, што може да значи крај на едногодишната политичка блокада во земјата.
Според речиси конечните резултати, со преброени 99% од гласовите, Ветевендосје освои 49,3% од поддршката. Курти изјави дека веднаш по потврдувањето на резултатите ќе се конституира парламентот, а потоа и ќе се формира нова влада.
„Немаме време за губење. Треба да продолжиме напред што е можно побрзо“, рече Курти, повикувајќи ја опозицијата да даде поддршка за усвојување на меѓународни договори за заем, за кои е потребно двотретинско мнозинство.
Аналитичарите оценуваат дека иако е неизвесно дали Курти ќе може самостојно да обезбеди 61 пратеник во Собранието со 120 места, формирање влада со мала коалиција е реална опција. Сè уште не се преброени условните гласови и оние од дијаспората.
Двете најголеми опозициски партии – Демократската партија и Демократската лига – освоија 21%, односно 13,6% од гласовите. Опозицијата и понатаму одбива коалиција со Курти, обвинувајќи го за лоши односи со западните сојузници и за политиките кон српското малцинство на северот на Косово.
Политичката стабилизација е клучна во период кога Косово треба да избере нов претседател во април и да ратификува договори за заем од околу една милијарда евра од ЕУ и Светската банка.
Излезноста на изборите изнесуваше 45%.