Во притворската ќелија на сопственикот на „Пулс“ пронајден мобилен телефон, судот најави санкции

5

Во ќелијата на првообвинетиот Дејан Јованов, сопственик на дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде на 16 март годинава во пожар загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, бил пронајден мобилен телефон со СИМ-картичка.

Информацијата беше соопштена на почетокот на денешното судско рочиште, кога судијката Дијана Груевска Илиевска информираше дека Судот добил официјално известување оти во притворската ќелија на Јованов, кој се наоѓа во затворот во Куманово, бил пронајден мобилен телефон од марката „Нокиа“ со активна СИМ-картичка.

„Не знам кој ви ги носи, но ова е опомена. Да не се повтори. Следниот пат ќе забранам посети“, му се обрати судијката на првообвинетиот.

Денешното рочиште започна со задоцнување од околу половина час поради доцнење на еден од адвокатите на одбраната. Според најавите, пред судот треба да сведочат тројца сведоци – законски застапници на оштетените.

На претходното рочиште започна доказната постапка со сослушување сведоци предложени од обвинителството. Прв сведочеше сопственик на авто-лимарски сервис, лоциран во непосредна близина на дискотеката, кој говореше за реконструкциите на објектот и за настаните во трагичната ноќ на пожарот.

Сите обвинети на почетокот од судењето изјавија дека не се чувствуваат виновни за трагедијата во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Дел од нив изразија сочувство до семејствата на жртвите, но останаа на ставот дека не сториле „тешки дела против општата сигурност“.

Во воведното излагање, обвинителот Борче Јанев нагласи дека судењето има за цел да утврди лична и институционална одговорност. Тој истакна дека трагедијата во „Пулс“ не е резултат само на употребата на пиротехника, туку на долгогодишни системски пропусти, институционален молк и недостиг на контрола, што објектот го претвориле во, како што рече, „смртоносна стапица“.

Одбраната на обвинетите, пак, ја оспори основаноста на обвинението, тврдејќи дека обвинетите не презеле дејствија што би довеле до пожарот и дека трагедијата е последица на институционални, а не индивидуални пропусти. Одбраната најави изведување докази и сведоци во таа насока.

Одбраната на првообвинетиот Дејан Јованов наведе дека тој и по девет месеци притвор не може да се помири со трагедијата и дека како родител никогаш не би дозволил небезбедни услови во клубот. Неговиот син, третообвинетиот Михаил Јованов, преку своите адвокати тврди дека против него нема докази и дека е обвинет исклучиво поради семејната поврзаност.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата „ДНК“. Истрагата утврди дека во објектот имало повеќе посетители од дозволеното, меѓу кои и малолетници, дека била користена пиротехника без одобрение, како и дека дискотеката со години работела без минимално-технички услови и со сериозни пропусти во противпожарната заштита.

Македонски